Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе, овој викенд стартува со новата сезона во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC), каде ќе се обиде да стигне до својата четврта шампионска титула.
Иџе се соочува со нов предизвик, а првата станица е трката на патеката Сан Жар ду Гард во Франција, закажана за 12 Април. Сезоната вклучува вкупно 11 трки, а ќе заврши во Септември со финалето во Хрватска.
Македонецот и оваа година ќе се натпреварува со својот моќен Ферари 488 B8, болид специјално дизајниран за ридски патеки. По минатогодишниот триумф во група 1, Стефановски влегува во новата сезона со јасна цел – да ја одбрани титулата и повторно да ја однесе Македонија на врвот на Европа.
„Со силна возбуда очекувам добра трка и успешен старт. Посакувам да постигнеме одлични резултати и оваа година. Благодарност до мојот неверојатен тим, тимот на Ферари, спонзорите и сите вас што ни давате безрезервна поддршка”, изјави Иџе.
Минатата година, Стефановски триумфираше во својата класа, оставајќи зад себе силна конкуренција – Чехот Рони Братшчи кој заврши втор, и Хрватот Домагој Перековиќ, кој го освои третото место.
Неговиот долгогодишен партнер, Видеолотарија Касинос Австрија, и оваа година стои цврсто зад него:
„Горди сме што веќе повеќе од една деценија го поддржуваме Иџе и ја носиме Македонија низ европските патеки. Веруваме во него и во уште една шампионска сезона’’.
Со проверен болид, верен тим и огромна поддршка, Иџе е подготвен за нова битка на европската сцена.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа