Македонската ракометна репрезентација е пред нов квалификациски предизвик, а амбициите во националниот табор се насочени кон продолжување на низата настапи на големите натпреварувања.
Капитенот Филип Кузмановски смета дека тимот напредува од првенство во првенство и дека созревањето на новата генерација може да биде важен адут во борбата за пласман на Европското првенство во 2028 година, кое ќе се одржи во Швајцарија, Шпанија и Португалија.
„Мислам дека Македонија, во изминатиов период, покажа континуитет на големите натпреварувања, и сакаме да го продолжиме тоа. Искрено, мислам дека напредуваме од првенство на првенство, се создаде една нова генерација- позрели сме, поискусни и нормално дека посакуваме сега да обезбедиме уште едно учество на ЕП“

Првиот испит за македонските ракометари ќе биде селекцијата на Луксембург, против која досега имаат максимален ефект од шест победи на исто толку меѓусебни средби.
Сепак, капитенот нагласува дека противникот заслужува максимален респект, а добар почеток на квалификациите би бил значаен и за продолжението од ноемврискиот циклус.
„Ние не сакаме да потценуваме ниту еден противник. Максимално сме подготвени и знаеме дека нè очекува еден интересен натпревар, и сакаме во една убава атмосфера и со позитивен резултат, на некој начин, да се подготвиме за дуелот со Грција“- изјави Кузмановски.

Македонија утре од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одигра првиот натпревар против Луксембург, а три дена подоцна ја очекува гостување кај Грција. Вториот дуел е закажан за 8 ноември од 16:00 часот во Халкида. Целта е јасна – успешен почеток и чекор поблиску до уште едно учество на европскиот собир.