
Македонскиот футсал шампион Проект ја заврши својата европска авантура во претквалификациите за Лигата на шампионите со уште едно реми, откако во „Bluebox Arena“ во Грац одигра 3:3 против шампионот на Израел, Макаби Нетанја.
Проект одигра одличен натпревар, создаде голем број шанси и покажа дека може рамноправно да се носи со европски шампиони. И покрај проблемите со повредени играчи, македонскиот тим беше конкурентен во текот на целиот натпревар и според прикажаното на теренот заслужи да стигне и до победа.
Макаби Нетанја прв дојде до предност преку Сајаг во 8:23 минута, но Проект брзо одговори. Во 10:49 минута, Димитриев погоди за 1:1 и го врати македонскиот шампион во игра.
Израелскиот првак, преку Лила од пенал во 20:16 минута стигна до нова предност, а Проект потоа успеа да направи израмнување Бојан Јанев во 22:13 минута погоди за 2:2.
Првакот на Израел преку Гниеслав во 25:05 минута го врати водство на 3:2, а Проект повторно покажа карактер и не дозволи натпреварот да му избега. Во 28:30 минута Благојевски го постигна третиот гол за македонскиот шампион и ги постави конечните 3:3.
Статистиката покажува дека натпреварот беше израмнет, но Проект беше исклучително опасен кога напаѓаше.
Македонскиот шампион предводен од Димов упати 11 удари, од кои дури 8 во рамките на голот, додека Макаби имаше 16 обиди и 6 удари во рамките на голот.
Проект имаше и само еден блокиран удар, наспроти седум кај противникот, што дополнително покажува дека македонскиот тим успеваше да доаѓа до завршница на своите напади.
Со оглед на шансите и начинот на кој играше, Проект имаше причина да жали што не стигна до првата европска победа.
И на овој натпревар имаше ситуации во кои судиските одлуки имаа директно влијание врз текот на мечот. Во неколку наврати реагираа и фудбалерите на Проект, како и стручниот штаб, незадоволни од одредени одлуки на судиската четворка. На натпреварот правдата ја делеа Србинот Срѓан Михајловиќ како прв судија, Лаурентиу Илие од Сан Марино како втор судија, Олга Пављут од Белорусија како трет судија.
И покрај проблемите со повредени играчите, тешкиот противник и спорните ситуации, Проект успеа да остане фокусиран и да стигне до бод.
- Големо искуство за младите македонски футсалци
За речиси најголемиот дел од играчите на шефот на стручниот штаб Игор Димов, настапите во Грац се дебитантски во Лигата на шампионите.
Станува збор за млади и талентирани футсалци кои за првпат имаа можност да се соочат со шампиони од други европски земји и да почувствуваат како изгледа највисокото европско ниво.
Токму овие натпревари се огромно искуство за нивниот развој, а прикажаното во Грац е потврда дека Проект располага со генерација која може да биде иднината на македонскиот футсал.
По поразот од домаќинот Грац и двете ремија против Врхника и Макаби Нетанја, македонскиот шампион ја завршува групата со два освоени бода.
- Грац и Врхника вечерва за првото место
Во последниот натпревар од групата А, Грац и Врхника ќе се соочат во директен дуел за првото место.
🇦🇹 Атлетик Футсал Клуб Грац – Врхника 🇸🇮
За Проект, европската приказна во Грац завршува со две ремија и многу драгоцено искуство.
Македонскиот шампион не успеа да стигне до победа, но младите футсалци покажаа дека имаат квалитет, карактер и потенцијал да се носат со европски шампиони.