Ракометарите на Охрид победнички го затворија есенскиот дел од Суперлигата, откако на домашен терен ја совладаа екипата на Струга во „езерското дерби“ со убедливи 42:25.
Ракометарот на Охрид, Наум Костов за Спортска Мрежа истакна дека одиграле добар натпревар во „Билјанини Извори“.
„Натпреварот го отворивме добро, со многу голови во напад. Имавме некои мали грешки во одбрана, но во второто полувреме дојде до израз и одбраната и успеавме да направиме една голема разлика. Сметам дека и противничкиот тим го проба целиот ростер, тоа влијаеше на резултатот и изигравме еден добар натпревар, без неспортски потези, како што и доликува едно езерско дерби“, рече Костов за Спортска Мрежа.
Костов зборуваше и за есенскиот дел од сезоната и за натпреварите на охридските „гладијатори“.
„Во однос на есенскиот дел од сезоната, загубивме некои важни натпревари, но тука сме некаде, се бориме со фаворитите, цело време сме на бод или два минус и се надевам дека во регуларниот дел ќе пробаме да добиеме и некој од фаворитите, па да влеземе со што повеќе бодови во плеј-офот и да се бориме за што подобар пласман на врвот на табелата“, додава Костов.
Охрид ќе презими на 4. место на табелата со 25 бодови на своето конто, со учинок од 12 победи, едно реми и три порази.