Охрид на 5 и 6 септември ќе биде домаќин на првото издание на OHRID WOMEN’S CUP, нов меѓународен турнир во женски фудбал, кој има јасна цел – промоција и развој на женскиот фудбал и вклучување на што поголем број девојчиња во овој спорт.
Под мотото „И девојките играат фудбал“, на турнирот ќе настапат девојчиња родени од 2012 до 2015 година, а организаторите упатуваат посебен повик до сите заинтересирани девојки кои сакаат да бидат дел од фудбалската приказна.
За учество не е неопходно девојчето во моментот да биде регистрирано во женски фудбалски клуб. Можност да се пријават и девојчиња кои тренираат во машки клубови, како и оние кои досега не биле дел од клуб, но сакаат да играат фудбал и да направат свој прв чекор во овој спорт.
Токму ова е една од главните идеи на OHRID WOMEN’S CUP – секоја девојка која сака да игра фудбал да добие можност да биде дел од екипа, да настапи на турнирот, да запознае нови другарки и можеби да го направи првиот чекор кон својот иден клуб.
Натпреварите ќе се играат на терените на СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид, во формат 8+1, со неограничено право на измени. Секој натпревар ќе трае 2×20 минути, со петминутна пауза.
Турнирот ќе започне во сабота, 5 септември, во попладневните часови со натпреварите од групната фаза. Во зависност од бројот на пријавени екипи, групната фаза може да биде комплетирана во сабота или последното коло да се одигра во недела наутро, по што следуваат елиминациските натпревари и големото финале.
Покрај фудбалот, учесничките ќе имаат можност да уживаат и во Охрид – дружење, плажа, капење во Охридското Езеро и забава, со цел турнирот да биде повеќе од само спортско натпреварување.
OHRID WOMEN’S CUP има меѓународни амбиции, па покрај македонските екипи, отворен е и за клубови и екипи од странство.
Сите девојки ќе добијат медали, додека првопласираната, второпласираната и третопласираната екипа ќе добијат и пехари.
Дополнителна вредност ќе биде медиумската промоција. Секоја екипа ќе добие медиумска поддршка од Спортска Мрежа во текот на 2026 година, а за време на турнирот ќе биде поставен и Media Corner, каде тренерите и младите фудбалерки ќе имаат можност за изјави и интервјуа.
OHRID WOMEN’S CUP сака да биде место каде девојчињата ќе добијат можност да заиграат, да се поврзат со клубови и тренери и да го направат првиот чекор кон својата фудбалска иднина.
📞 Пријавување и информации:
078 646 698 – Александар
070 223 521 – Јовче
OHRID WOMEN’S CUP 2026 – „И девојките играат фудбал“!