Женската репрезентација на Македонија до 19 години го отвори елитниот квалификациски турнир во Шкотска со пораз од фаворизираната Норвешка (0:3), но селекторот Кирил Изов во ексклузивна изјава за Спортска Мрежа истакнува дека и покрај резултатот, тимот има причина за гордост поради прикажаната борбеност.
Норвежанките рано поведоа преку Џули Стен, а во вториот дел ја потврдија победата со головите на Ина Раум Андреасен и Ана Малмин. Сепак, впечатокот од македонскиот табор е дека младата селекција одигра храбро против еден од главните фаворити.
За настапот против силниот противник и ангажманот на екипата, селекторот Кирил Изов потенцираше дека девојките буквално изгинале на теренот и го дадел својот максимум, на што тој е горд.
„Со оглед на тоа што игравме против една од најсилните европски репрезентации, можам да кажам дека и покрај поразот не треба да бидеме разочарани бидејќи девојките буквално изгинаа на теренот и го дадоа максимумот и сум горд на нив.“
Селекторот Изов не можеше да смета на пет фудбалерки, кои се во А репрезентацијата на Македонија и тоа е хендикеп.
„За разлика од есенските квалификации, ни недостасуваат пет фудбалерки од стартниот состав, што секако е сериозен хендикеп, но нивните замени можам да кажам дека достојно ги заменија и покажаа дека во оваа репрезентација има уште фудбалерки кои заслужуваат повик во А репрезентација.“
Изов за Спортска Мрежа зборуваше за продолжението од квалификациите и идните амбиции.
„И на следните натпревари ќе се бориме и ќе се трудиме да го дадеме максимумот, бидејќи да бидеме реални и оваа досега е успех за нас со оглед на тоа што само ние, Србија и Грција сме дел од овие елитни квалификации од Балканот и треба да бидеме сите среќни за тоа и да ни биде поттик да продолжиме уште понапорно да работиме и да создаваме посветла иднина за женскиот фудбал во Македонија.“
И покрај поразот, младата селекција покажа карактер и потенцијал, а настапот против европскиот гигант може да биде важна лекција и мотив за продолжението од турнирот.