ЖРК Атлетик продолжува со градење на стабилен и перспективен тим, откако левиот бек Сара Богојеска го продолжи договорот со клубот до 2029 година.
Богојеска, која е родена на 15 јуни 2005 година во Прилеп, зад себе има интересен развоен пат. Својата ракометна кариера ја започнува во ЖРК Деспина, по што настапува за Куманово и Вардар, каде дополнително го надградува својот квалитет.
Нејзиниот потенцијал беше препознаен и на репрезентативно ниво, па во 2021 година доби повик за кадетската селекција на Македонија, а потоа беше дел и од младинската репрезентација.
Од оваа сезона Богојеска е дел од Атлетик, а одличната соработка меѓу двете страни резултираше со нов долгорочен договор. Во клубот веруваат дека таа ќе има значајна улога во идните предизвици и во развојот на тимот.
Со вакви потези, Атлетик јасно покажува дека вложува во млади и талентирани ракометарки, кои треба да бидат носители на играта во годините што следуваат.