Ракометниот клуб Охрид излезе со официјално соопштение до јавноста во пресрет на четвртфиналниот двомеч од ЕХФ Европскиот куп против грчкиот Олимпијакос, информирајќи за важна организациска одлука поврзана со натпреварите.
Од клубот посочуваат дека одлуката е донесена по комуникација со противникот и на барање на Европската ракометна федерација, со цел да се избегнат несакани сценарија како оние од минатата сезона.
„Имајќи ги во предвид немилите настани кои се случија за време на одигрувањето на финалниот натпревар во ЕХФ Купот во натпреварувачката сезона 2024/2025 кој требаше да се одигра во Скопје помеѓу екипите на РК Алкалоид од Република Македонија и РК АЕК од Република Грција, а кој поради веќе познати причини не беше одигран, Ве информираме дека по барање на Европската Ракометна Федерација, ГРК Охрид и РК Олимпијакос по меѓусебната комуникација овие минати денови, а со цел да биде избегната ситуација слична или иста на онаа од минатата година, заеднички одлучија дека двете екипи нема да вршат продажба на билети на гостински навивачи и симпатизери“, стои во соопштението.
Дополнително, од Охрид информираат дека тие ќе бидат домаќини на реванш натпреварот во четвртфиналето.
„ГРК Охрид ќе биде домаќин на вториот ¼ финален натпревар, кој ќе го одигра против екипата на РК Олимпијакос на ден 04.04.2026 година во 18.00 часот во СРЦ Билјанини Извори Охрид“, додаваат од клубот.
Натпреварот се очекува да привлече големо внимание кај охридската публика, која ќе има можност да биде ветер во грб на својот тим во борбата за историски пласман.