Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер (до 18 години) продолжува да ја гради својата силна и препознатлива младинска приказна, потврдена со титулата актуелен шампион на Македонија во кадетска конкуренција и континуитетот на настапи на највисоко европско ниво.
Битолчани втора година по ред ќе бидат дел од ЕХФ Лигата на шампиони за млади, натпреварување во кое минатата сезона оставија силен белег – го освоија турнирот во Букурешт и обезбедија пласман на завршниот Ф4 турнир во Келн, каде се вброија меѓу најдобрите млади екипи во Европа.
Нов предизвик за оваа генерација следува на 30 и 31 март 2026 година во Пореч, Хрватска, каде во полуфиналето ќе се соочат со силниот дански претставник Алборг. Овој натпревар ќе биде вистински тест за квалитетот, карактерот и потенцијалот на младите ракометари на Еурофарм Пелистер, кои со голема амбиција ќе атакуваат на пласман во финалето.
Во составот на тимот се: голманите Јован Мацанковски и Василиј Пајковски, крилните играчи Павел Велјановски, Томислав Кебаковски, Лука Кочанов, Константин Бундалевски и Андреј Георгиев, бековите Тео Спировски, Владимир Марковски, Давид Здравковски, Стефан Василевски, Горазд Мијалчев, Иван Митровски и Александар Дуковски, како и пивотите Бојан Бојчевски и Јован Симоновски. Тимот го предводат тренерите Фарук Мемиќ и Кире Митревски.
Оваа генерација се издвојува по дисциплината, заедништвото и борбеноста, а секој нивен настап претставува гордо претставување на клубот, Битола и македонскиот ракомет на европската сцена. Во клубот веруваат дека токму овие млади ракометари се иднината на Еурофарм Пелистер, подготвени да одговорат на секој предизвик и да продолжат со успесите.
Со поддршка од љубителите на ракометот, „зелено-белите“ ќе атакуваат на нов успех и уште едно големо европско достигнување.