Машката ракометна репрезентација на Македонија на 26 март ќе ги дознае противниците во квалификациите за Европското првенство 2028, кое ќе се одржи во Шпанија, Швајцарија и Португалија.
Според рејтингот на Европската ракометна федерација, македонската селекција е сместена во вториот шешир заедно со репрезентациите на Австрија, Холандија, Фарски Острови, Србија, Полска, Чешка и Италија.
Ждрепката ќе се одржи во Лисабон со почеток од 19:00 часот, а во квалификациите ќе учествуваат 32 репрезентации кои ќе бидат поделени во осум групи. Пласман на континенталниот шампионат ќе обезбедат прво и второпласираните селекции од секоја група, како и четирите најдобри третопласирани репрезентации.
Директен пласман на Европското првенство веќе имаат обезбедено домаќините Шпанија, Швајцарија и Португалија, како и актуелниот европски шампион Данска.
Шешири за квалификациите:
Прв шешир: Франција, Словенија, Германија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Хрватска, Исланд
Втор шешир: Македонија, Австрија, Холандија, Фарски Острови, Србија, Полска, Чешка, Италија
Трет шешир: Црна Гора, Романија, Литванија, Украина, Босна и Херцеговина, Грузија, Белгија, Грција
Четврти шешир: Финска, Израел, Луксембург, Словачка, Естонија, Косово, Турција, Летонија
Европското првенство 2028 ќе се игра од 13 до 28 јануари, а во меѓувреме македонската репрезентација е фокусирана и на баражот за пласман на Светското првенство 2027, каде ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Украина и Словачка.