Младите натпреварувачи од триатлон клубот „Три Дисциплини“ од Струга остварија одлични резултати на Балканското првенство во дуатлон, кое се одржа во Подгорица, Црна Гора, достојно претставувајќи ја Македонија.
Дуатлонот е спортска дисциплина која се состои од трчање и велосипедизам, додека во триатлонот како трета дисциплина е вклучено и пливањето.
Најголемиот успех го постигна Јован Кутаноски, кој во категоријата Деца 2 го освои првото место и титулата балкански првак во дуатлон.

Во истата категорија одличен настап имаше и Софија Кутаноска, која се закити со бронзен медал, додека Христијан Нически и Стефанија Кутаноска завршија на четвртата позиција, а Дарија Магдис го освои шестото место.

Во категоријата Деца 1, Игнатиј Милески беше многу блиску до подиумот и го освои четвртото место.
Кај кадетите, Керем Куртис го заврши натпреварувањето на 14. позиција, додека во јуниорска конкуренција Матео Мачоски го освои шестото место во својата категорија, а во генералниот пласман беше 26-ти од вкупно 80 натпреварувачи.

Со овие резултати, младите членови на клубот „Три Дисциплини“ од Струга уште еднаш покажаа дека македонскиот триатлон има светла иднина, а настапот на Балканското првенство донесе нови успеси и вредни искуства за младите спортисти.
