Вардар 1961 извојува огромна победа во дербито на македонскиот ракомет, откако на гостувањето во Битола го совлада Еурофарм Пелистер со 27:22 во рамки на плејофот од Суперлигата. Со овој триумф „црвено-црните“ направија голем чекор кон враќањето на шампионскиот трон.
Натпреварот започна израмнето, но домаќините подобро се снајдоа во поголемиот дел од првото полувреме. Еурофарм Пелистер неколкупати имаше предност од три гола, а на одмор замина со минимални 12:11. Вардар имаше дополнителен хендикеп уште во раната фаза од мечот, кога Урош Митровиќ заработи директен црвен картон.
Сепак, во второто полувреме вардарци значително ја подигнаа играта. Со поагресивна одбрана и сигурни интервенции на голманот Милош Валах, скопскиот тим постепено го презеде водството и почна да ја зголемува предноста. Во клучните моменти Вардар одигра поорганизирано во нападот и успеа да се одлепи на неколку гола разлика, што се покажа пресудно за конечниот исход.
Најефикасен кај победникот беше Јака Малус со осум погодоци, додека Милан Лазаревски додаде седум. Кај Еурофарм Пелистер, по три гола постигнаа Кузмановски, Манасков, Видомски и Хакбарт.
Со оваа победа Вардар се зацврсти на врвот на табелата со 46 бодови, односно со значителна предност пред најголемиот ривал. До крајот на сезоната „црвено-црните“ имаат сè во свои раце во трката за шампионската титула.