Ракометарките на Астибо вечерва забележаа голема и важна победа над Пелистер во меч од 17. коло на Супер лигата откако со 29:17 славеа над Пелистер.
Овој меч беше клучен за ракометарките од Штип кои одат по потврда на директен опстанок во елитата, а со овој триумф речиси и да завршија голема работа кон остварување на целта.
Астибо имаше одлично отварање на натпреварот со серија од 4:0, а потоа таа предност се зголеми на 8:2, а гостинот од Битола и натаму беше во „зимски сон“ откако до 22. минута од мечот имаше реализирано само пет погодоци, а на полувреме Астибо имаше 16:8.
Во вториот дел само на рутина Астибо стигна до своето четврто сезонско славје.
Мутемеца Вероника беше прво име во тимот на Астибо со осум гола, а пак Марија Анчева имаше седум реализации, додека пак искусната голманка Кристина Младеновска собра дури 17 одбрани, Хани Чобанова имаше три одбранети пенали.
За екипата на Пелистер најдобар стрелец на мечот во Штип беше Анастасија Тодоровска со 12 постигнати погодоци од вкупно 17, но тоа не беше доволно ниту за да се ублажи поразот.
Спартак дојде до трета сезонска радост откако славеше над Вардар со резултат од 25:33. Од самиот меч тимот на Спартак беше подобар и во текот на истиот имаше предност. Од 4:8 водство за гостинот во 13. минута, Вардар успеа да намали на 9:10 во 21. минута, но потоа Спартак одново побегна и на полувреме имаше 13:16.
Во вториот дел Спартак одново имаше предност од неколку погодоци и на крај стигна до третиот триумф оваа сезона со 25:33.
Прво име кај Вардар беше Леона Миленкоска со шест погодоци, а кај Спартак се истакна Анастасија Николовска со 11 погодоци, а ја следеа Сара Цветановска и Сузана Зечевиќ со по седум погодоци.
Колото се затвара утре со мега дербито на конкурентите за титулата – Чаир ќе го предизвикува шампионот Ѓорче Петров на гостински терен.