Кошаркарите на Маџари и МКК Куманово остварија важни победи во новото коло, со што двете екипи продолжуваат да ја делат четвртата позиција на табелата.
Маџари на домашен терен прикажа сигурна и убедлива игра против Кожув и славеше со високи 89:61. Домаќините уште од почетокот на натпреварот наметнаа силно темпо и по првата четвртина имаа предност од 20:11. Во продолжението ја зголемија разликата, па на полувреме водеа со убедливи 44:25.
Ништо не се промени ниту во второто полувреме, каде кошаркарите на Маџари продолжија со доминантна игра и по три четвртини имаа недостижна предност од 64:39, која до крајот само ја потврдија за убедлива победа.
Во победничкиот состав сите петмина стартери имаа двоцифрен учинок. Луис беше најефикасен со 18 поени, додека Хот постигна 13 поени и седум скока. Армстронг додаде 12 поени и седум скока, а Грин и Луканоски натпреварот го завршија со по 11 поени. Кај Кожув, Бојчев и Пурвис постигнаа по 11 поени.
Победа запиша и МКК Куманово, кој на домашен терен го совлада Гостивар со 90:75. Кумановци одлично го отворија натпреварот и по првата четвртина имаа водство од 27:18, но гостите постепено се враќаа во игра и на полувреме ја намалија разликата на 47:42.
Неизвесноста продолжи и во третата четвртина, по која домаќините имаа минимална предност од 66:64. Сепак, во последните десет минути Куманово заигра значително подобро, направи серија од 24:11 и ја обезбеди победата.
Најзаслужен за триумфот беше Стевановиќ со 30 поени, пет скока и три асистенции. Радукиќ додаде 17 поени, Николиќ постигна 15, а Ѓуроски 13 поени, додека Луковиќ од клупата придонесе со 14 поени и шест скока. Кај Гостивар се истакна Црниќ со 22 поени, додека Карахоџиќ постигна 14, а Сапунџиев 11 поени