Ракометарите на Охрид вечерва обезбедија место на завршниот турнир од Купот на Македонија, откако на домашен терен убедливо го совладаа Куманово со 35-18 во финалето од В групата. „Гладијаторите“ уште од самиот почеток ја наметнаа својата игра и не дозволија неизвесност, па без поголеми проблеми стигнаа до посакуваниот пласман меѓу четирите најдобри екипи во куп-натпреварувањето.
Натпреварот беше решен уште во раната фаза. Охрид брзо создаде сигурна предност, а по дваесетина минути игра водеше со 12-4. До паузата домаќините ја задржаа контролата и на полувреме заминаа со осум гола позитива (16-8).
Во второто полувреме разликата дополнително растеше, а разликата во квалитет меѓу двата тима беше очигледна, па победникот практично беше решен многу пред последниот судиски свиреж.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Никола Ристески со шест погодоци, додека по четири пати во листата на стрелци се запишаа Иванковиќ, Ѓукиќ и Ќосевски. Кај гостите од Куманово најрасположен беше Александар Стојков со шест гола.
По пласманот на завршниот турнир, десниот бек на Охрид- Давид Савревски, во изјава за Спортска Мрежа, истакна дека екипата ја исполнила целта за овој викенд и дека за нив следува период со многу важни предизвици – како на домашната, така и на европската сцена.
„Викендов одигравме два добри натпревари, а со оваа денешна победа се пласиравме на Ф4, како што и очекувавме. Сега, следниот викенд нè очекува натпревар против Алкалоид – еден од најважните натпревари за нас оваа полусезона. Мора добро да се подготвиме прво за тоа, потоа имаме кратка пауза и следи ЕХФ недела, а потоа ни доаѓа двомечот со Олимпијакос. Мора добро да се подготвиме и за тие два европски меча, кои се историски за овој клуб“, изјави Савревски за Спортска Мрежа.

Со оваа победа Охрид се приклучува на Вардар, Еурофарм Пелистер и Алкалоид на завршниот турнир од Купот на Македонија, а дополнително ќе биде одредено каде ќе се игра Ф4 турнирот, како и полуфиналните двојки.