Дебитантот во Првата женска фудбалска лига, ЖФК Вардар, победнички ја отвори пролетната полусезона, откако на домашен терен со минимални 1:0 славеше над Топ Гол и со тоа напредуваше на табелата, за што веќе објави Спортска Мрежа.
Младиот стратег Теодора Димитровска, која го предводи Вардар, истакна дека уште пред натпреварот било јасно дека ги очекува тежок предизвик. Во изјава за Спортска Мрежа таа средбата ја опиша како борбена и тактички дисциплинирана од страна на нејзиниот тим.
28-годишната Димитровска нагласи дека е задоволна од изданието на своите фудбалерки на првиот пролетен меч.
„Знаевме дека нема да биде лесен натпревар, особено затоа што е старт на полусезоната и важен натпревар за нови три бода. Секогаш има одреден ритам кој треба повторно да се фати. Го гледав натпреварот како борбен и тактички дисциплиниран од наша страна. Девојките покажаа карактер, трпение и голема желба за победа. Можеби не бевме перфектни во реализацијата за повеќе голови, но начинот на кој ја контролиравме играта и залагањето што го покажаа ми дава причина да бидам задоволна. Ова е позитивен старт и добра основа за понатаму“, ни изјави Димитровска.
Вардар како дебитант во елитното друштво има јасно поставени приоритети – стабилност и постепен напредок, а резултатите се дополнителен мотив.
„Како дебитант во ПЖФЛ, нашата примарна цел е стабилизација и континуиран напредок од натпревар во натпревар. Секако дека секој прогрес на табелата е мотив повеќе. Седмата позиција е чекор напред, но повеќе од позицијата ни значи развојот на тимот и конкурентноста што ја покажуваме. Ќе се бориме до крај за секој бод, а доколку се укаже можност и за повисок пласман, сигурно нема да се откажеме“, заклучува Димитровска во изјавата за Спортска Мрежа по денешната победа над Топ Гол.
По овој триумф, Вардар има 11 бодови и во следното коло го очекува сериозен предизвик – гостување во Пржино кај лидерот ЖФК Скопје.