Продолжува европската мисија за ГРК Охрид. По триумфот од девет голови разлика на домашен терен, „гладијаторите“ утре гостуваат кај Дукла Прага во реваншот од осминафиналето на ЕХФ Европскиот куп, со јасна цел – потврда на пласманот во четвртфиналето.
Охридските ракометари се веќе во Прага, каде го одржаа и единствениот тренинг во гостинската сала. Го почувствуваа теренот и максимално се сконцентрирани и фокусирани на новиот предизвик.
Натпреварот започнува во 18:00 часот, а охриѓани се свесни дека ги очекува сериозен предизвик и покрај солидната резултатска предност.
Капитенот на охриѓани, искусното репрезентативно крило- Гоце Ојлески, нагласува дека реваншот ќе биде сосема нов натпревар во кој не смее да има опуштање.
Иако првиот меч заврши со убедлива разлика, тој потенцира дека тимот мора да влезе фокусирано, без да размислува на предноста, туку со „ладни глави“ и со својата препознатлива игра. Ојлески верува во квалитетот и подготвеноста на екипата, но предупредува дека Дукла е борбен противник кој нема лесно да се предаде пред својата публика.
„Првиот натпревар го добивме со девет голови разлика. Mожеби требаше да победиме и со повеќе, меѓутоа имавме мал пад во финишот од мечот. Дали ќе биде доволно не можам да кажам, секако дека тоа е нов натпревар, почнуваме како да е 0-0 и одиме во Прага да одиграме квалитетнo и да не размислуваме на гол- разликата. Се подготвуваме најдобро што можеме и сигурен сум дека ќе одиграме нов квалитетен натпревар и ќе извојуваме нова победа.”
Исто така, тој верува во квалитетот и подготвеноста на екипата, но предупредува дека Дукла е борбен противник кој нема лесно да се предаде пред својата публика.
,,Дукла се покажа како борбена екипа којашто не се предава. Знаеме дека ќе биде тежок натпревар, домаќинот ќе сака победа, па затоа ние треба да влеземе со „ладни“ глави и да ја одиграме нашата игра. Само така можеме да одиме до следната фаза“- изјави Ојлески.
Реваншот во Прага ќе биде тест за зрелоста и карактерот на охриѓани. Предноста од првиот меч е значајна, но вистинската потврда треба да дојде на теренот. Доколку Охрид одигра дисциплинирано и самоуверено, европската приказна ќе продолжи со нова битка во четвртфинале и уште една испишана страница во клупската историја.