Прволигашот Бутел лесно се пласираше во четвртфиналето од Футсал Купот на Македонија откако со 7:2 славеше над второлигашот ССК.
Во листата на стрелци за домашниот тим се запишаа Никола Илијоски, Андреј Јаневски, Давид Манџуковски, Филип Јаневски, Иван Крстевски и Владимир Трендафиловиќ.
За гостинот во првиот дел погоди Борјан Цветановски, кој си постигна и автогол, а во вториот дел стрелаше Несим Сулејман.
Возбудлив меч одиграа прволигашот Балкан и второлигашот Каршиака, кој заврши со триумф од 5:4 за тимот на Балкан. Со два брзи гола искусниот Таулант Исмаили обезбеди предност од два погодоци, а во 15. минута Ерол Далип си постигна автогол за 2:1, но до крајот на првиот дел Пајтим Реџепи погоди за 3:1 на полувреме.
Во второто полувреме Шенол Идризовски намали на 3:2 и се врати неизвесноста. Ерол Далип во 28. минута зголеми на 4:2, но со два брзи гола на Фуркан Ќани и Бујамин Асани второлигашот дојде до 4:4 и тоа беше вистинска „лудница“ во самиот завршен момент од мечот. Сепак во 38. минута Ерол Далип со второ гол ги постави конечните 5:4 и четвртфинале за Балкан.
Градското дерби во Кавадарци меѓу Црна Река и Клими се решаваше во пенал серијата, откако двете екипи одиграа 1:1. Пане Гогов во 14. минута погоди за 0:1 и водство на прволигашот на полувреме.
Во вториот дел се редеа шансите, но немаше завршница каква што посакуваа и двете екипи, откако во 39. минута во самиот финиш од мечот Ѓорѓи Стрезовски погоди за 1:1 и мечот мораше да се решава во пенал рулетот.
Во пенал серијата за Црна Река не реализираа Стојан Петковски и Блаже Дамјаноски, а пак реализираа Лазар Мицев, Петар Ристовски и Ѓорги Стрезовски.
За Клими од пенал серијата успешно погодија Давид Крстески, Марјан Манев, Филип Грујоски и Александар Јолдашев, а пак не реализираше Андреј Коцевски.
Претходно, во четвртфиналето се чекираа бранителот на Куп титулата Форца, Проект, Кеги Моби и Јувентус Серава.
Утре во Крива Паланка се игра последниот натпревар од осминафиналето од Купот на Македонија меѓу Осогово и Железарец, победникот ќе биде последниот патник во четвртфиналето.