Фудбалерите на Силекс приредија вистински подвиг во 18. коло од ПМФЛ, откако на гостувањето кај Струга Трим Лум славеа со 2-3 по драматичен пресврт во самиот финиш. Домашните двапати водеа, но бодовите заминаа за Кратово.
Стружани први зададоа удар во 22. минута. По одлична акција, Марјан Радески со прецизен удар од дистанца ја погоди мрежата на Џеков и донесе предност од 1-0. До паузата домаќините ја контролираа играта, но не успеаја да ја зголемат разликата.
Во второто полувреме Силекс излезе поофанзивно и тоа вроди со плод во 53. минута, кога Ади Алиќ се снајде во шеснаесетникот и израмни на 1-1. Радоста на гостите траеше кратко – Компаоре повторно ја врати предноста за Струга, откако најдобро реагираше во мешаница пред голот.
Кога се чинеше дека бодовите ќе останат крај Охридското Езеро, следуваше силен налет на кратовци. Во 81. минута Николовски беше најприсебен по одбиена топка и донесе 2-2, а само неколку минути подоцна Мигел Пиреш со прецизен удар со глава по корнер комплетираше целосен пресврт за 2-3 и големо славје на гостинската клупа.
Со оваа победа Силекс се искачи на 35 бодови и останува во игра за висок пласман, a во моментот е на третото место, додека Струга останува на 41 и прави чекор назад во битката за врвот, каде лидерската позиција ја држи Вардар.