Лидерот во ПМФЛ, Вардар, продолжува со сигурните изданија сезонава, откако во рамките на 18. коло како гостин го совлада градскиот ривал Работнички со убедливи 3-0. Натпреварот се одигра на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ и целосно мина во знакот на „црвено-црните“.
Вардар тргна офанзивно уште од првиот свиреж. По една течна акција по левата страна, Азер Омерагиќ испрати топка во петерецот, а Горан Закариќ во 8. минута ја смести во мрежата за рано водство. Само неколку минути подоцна следуваше нов удар за „романтичарите“ – по нафрлување и несигурна реакција на голманот Ондоа, Омерагиќ најдобро се снајде и зголеми на 2-0.
Работнички се обиде да возврати преку Талаков и Елези, но на висина на задачата беше голманот Давор Талески, кој со неколку интервенции не дозволи намалување на резултатот.
Конечниот исход беше поставен веднаш на стартот од второто полувреме. Новото засилување Стефан Цветковиќ со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го погоди спротивниот агол за 3-0 и практично ги реши дилемите околу победникот.
Со новите три бода Вардар стигна до бројката од 48 и ја задржа лидерската позиција, одржувајќи солидна предност пред најблиските конкуренти. Работнички, пак, останува во тешка ситуација на претпоследното место со само седум освоени поени.