Денес најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, имаше одличен настап на престижниот маратон во Севиља, каде уште еднаш потврди дека припаѓа во врвот на светската атлетика.
Ивановски трчаше во силна конкуренција заедно со најдобрите светски маратонци и прикажа извонредна форма. Во текот на трката тој постави нов национален рекорд на полумаратон, откако првите 21 километар ги истрча за фантастични 1:03:53.
Македонскиот атлетичар маратонот го заврши со одлично време од 2:12:23, што претставува негово трето најдобро остварување во кариерата. Со овој резултат Ивановски го освои 38. место во генералниот пласман, во исклучително силна меѓународна конкуренција.
Овој пласман и оствареното време му обезбедија и норма за настап на Европското првенство, кое оваа година ќе се одржи во Бирмингем.
Со настапот во Севиља, Ивановски уште еднаш покажа континуитет во високите перформанси и одлична подготвеност, потврдувајќи дека и понатаму е еден од најдобрите македонски спортисти и сериозен конкурент на големите меѓународни натпреварувања.