Фудбалскиот клуб Вардар официјално ја информираше јавноста дека во сениорскиот тим на тренерот Гоце Седлоски се приклучува еден од најперспективните фудбалери од младинската школа – Филип Цветковски.
Станува збор за лев бек роден на 4 август 2009 година, кој е дел од Младинската школа на „црвено-црните“ од 9 септември 2021 година, а претходно настапуваше за Форца. Иако има само 16 години и шест месеци, Цветковски веќе го запиша својот деби настап во Првата македонска фудбалска лига, каде одигра одличен натпревар и директно учествуваше во акција што резултираше со погодок за неговата екипа.
Со тоа, младиот дефанзивец се вбројува меѓу најмладите дебитанти во историјата на ПМФЛ и важи за еден од најголемите потенцијали на Вардар. Во клубот веруваат дека неговиот развој е доказ за систематската работа со младинските категории и јасната стратегија за интеграција на талентирани фудбалери во првиот тим.
Вардар продолжува да гради иднина со сопствени сили, а Филип Цветковски е уште едно име кое најавува светла перспектива за „црвено-црните“ и за македонскиот фудбал во целина.