Искусниот голгетер Дарко Грозданоски кариерата ќе ја продолжи во романскиот фудбал, откако постигна договор со второлигашот Мусчелул Кампулунг.
26-годишниот напаѓач ќе го засили тимот во продолжението од сезоната, а со своето искуство и голгетерски квалитет треба да даде значаен придонес во остварувањето на главната цел на клубот – опстанок во лигата. Во Романија, Грозданоски пристигнува од италијанскиот клуб Олимпија Агнонезе.
Според информациите на Спортска Мрежа за Грозданоски постоеше интерес од два македонски прволигаши, но сепак тој се одлучи да стави потпис на договор со романскиот клуб.
Претходно, Гроздановски настапуваше за поранешниот прволигаш Воска Спорт од Охрид, како и за второлигашот Кожуф од Гевгелија, каде во есенскиот дел од сезоната 2024/2025 беше најдобар стрелец на екипата со седум постигнати погодоци.
Во мак-фудбал, Гроздановски има богато искуство настапувајќи за Силекс, Победа, Беласица и Тиквеш, а во помладите категории беше дел и од младинскиот тим на Црвена Звезда. Надвор од Македонија, покрај италијанската епизода, настапуваше и во Србија за Прва Искра, како и во Црна Гора за екипата на Грбаљ.
Со неговото доаѓање, Мусчелул Кампулунг добива проверено и искусно офанзивно решение, кое треба да биде важен адут во борбата за опстанок во романската втора лига.