Ракометарите на Алкалоид успешно ја отворија новата година во Суперлигата, откако на домашен терен во Автокоманда забележаа победа над екипата на Пролет со 35-28.
Иако гостите имаа солидно издание во првиот дел и резултатски долго време беа во приклучок, фаворитот ја покажа својата сила по паузата. Тимот на Кирил Лазаров го засили темпото во второто полувреме, направи серија и за кратко време создаде двоцифрена предност, со што практично го реши прашањето за победникот.
Алкалоид настапи и со променет ростер, а шанса добија повеќе играчи, меѓу кои и новото засилување Филип Николов, кој имаше успешно деби. Најефикасен беше Дамјан Митев со десет погодоци, додека Николов додаде шест. Значаен придонес даде и голманот Иван Галевски со низа интервенции. Кај Пролет прво име беше Томи Димковски.