Продолжуваат проблемите за прволигашот Шкупи, откако шефот на стручниот штаб Еркан Мурсели си поднесе оставка и нема да го води клубот.
Чаирчани под водство на Мурсели ги започнаа зимските подготовки, но пред стартот на пролетниот дел кој Шкупи го отвара во вторник против Тиквеш како формален домаќин во Кавадарци остана без тренер.
Мурсели преку соопштение го потврди неговото заминување од клубот со поднесување на оставка.
„Јас, во својство на главен тренер на фудбалскиот клуб ФК Шкупи, јавно ја известувам јавноста за мојата оставка од оваа функција. Мојата одлука е резултат на последните случувања и несаканите движења што се одвиваат во рамките на клубот, како и поради недостатокот на институционална јасност. Сакам да нагласам дека оваа функција ја прифатив исклучиво од љубов и почит кон ФК Шкупи, давајќи го својот максимум, и професионално и човечки, без да имам какво било покритие или финансиска сигурност. Во овие околности, продолжувањето на соработката го сметам за невозможно. Му посакувам на клубот стабилност, јасност во раководењето и успеси во иднина“, вели Мурсели.
Шкупи е на дното од табелата со само еден бод и опстанокот на тимот во ПМФЛ му виси на конец.