Во кабинетот на градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, се одржа работна средба со претставници на Фудбалскиот клуб Тиверија, на која беа презентирани плановите и активностите на клубот за претстојниот период.
На средбата посебен акцент беше ставен на условите за тренинг, со дискусија околу одржувањето и можностите за подобрување на терените со вештачка трева, како и на унапредувањето на вкупните услови за работа и развој на клубот. Од Општина Струмица беше потенцирано дека локалната самоуправа и понатаму ќе продолжи активно да го поддржува спортот и сите иницијативи кои придонесуваат за развој на младите спортисти и промоција на позитивни вредности во заедницата.
ФК Тиверија настапува во Третата лига – Исток, а есенскиот дел од сезоната го заврши на осмата позиција на табелата со освоени десет бодови. Во пролетниот дел, струмичкиот клуб ќе се обиде да направи исчекор и да атакува на што повисок пласман.
Стартот на зимските подготовки е закажан за 9 февруари, кога екипата официјално ќе започне со подготовките за продолжението на шампионатот. Како што претходно објави Спортска Мрежа, на предлог на претседателот на клубот, Александар Митев, за нов шеф на стручниот штаб е назначен Петар Каракашев, од кого се очекува да внесе дополнителна стабилност и амбиција во тимот.