Македонскиот ракометар Антонио Николоски ја продолжува кариерата надвор од границите на државата и во пролетниот дел од сезоната ќе настапува во шампионатот на Босна и Херцеговина. Левиот бек постигна договор со суперлигашот Слога Добој, клуб кој прикажа одлични партии во првиот дел од сезоната и беше активен и на европската сцена.
Николоски доаѓа од редовите на Младост Богданци, клуб во кој ги мина сите младински категории и за кој настапуваше и на сениорско ниво. Роден е на 25 ноември 2004 година и важи за еден од понадежните македонски ракометари на својата позиција. Во минатото беше дел и од кадетската и младинската репрезентација на Македонија.
Босанскиот тим веќе го промовираше македонскиот ракометар. Слога Добој сезонава привлече внимание и со настапите во Европскиот Куп, каде што беше противник на Охрид, што дополнително зборува за амбициите и квалитетот на босанскиот тим. Според договорот, Николоски ќе остане во Добој најмалку до крајот на актуелната сезона, период во кој ќе има можност да стекне значајно интернационално искуство.