Ракометната репрезентација на Германија оствари огромна победа над Норвешка со 30-28 во еден од највозбудливите дуели од главната фаза на Европското првенство, одигран во Хернинг. Со овој триумф, Германците се искачија на врвот на т.н. „група на смртта“ и со максимални шест бодови влегоа во одлучувачките битки за пласман меѓу четирите најдобри селекции.
Натпреварот беше вистинска тактичка и психолошка борба. Норвешка подобро го отвори мечот и во неколку наврати имаше сигурна предност, а на полувреме замина со водство од 17-15. Скандинавците и на стартот од вториот дел поведоа со „плус три“, најавувајќи можен пресврт во групата.
Сепак, токму тогаш на сцена стапи човекот кој целосно го смени текот на натпреварот – голманот Андреас Волф. Со низа спектакуларни интервенции, вклучувајќи одбрани на чисти зицери, Волф ја разниша самодовербата на норвешките стрелци и ѝ овозможи на Германија да влезе во серија која го реши победникот. Во периодот од средината на второто полувреме, Германците направија серија од 5-0, од 21-21 до 26-21, предност која рутински ја сочуваа до самиот крај.
Волф мечот го заврши со над 20 одбрани и без дилема беше клучната фигура во германскиот триумф. Во нападот најрасположен беше младиот Марко Гргиќ со седум погодоци, со што уште еднаш го потврди својот потенцијал на големата сцена. Кај Норвешка, најефикасни беа Сагосен, Педерсен и Гиликсен со по пет реализации.
По три одиграни кола во втората фаза, Германија води со шест бодови, Франција и Данска имаат по четири, Норвешка и Португалија по два, додека Шпанија е без бодови. До крајот следуваат директни пресметки со најсилните селекции, но јасно е дека „панцерите“ со оваа победа испратија силна порака – подготвени се за највисок дострел на Европското првенство.