Искусниот голман Кристијан Наумовски официјално се врати таму каде што започна неговата фудбалска приказна – во Автокоманда, како ново засилување на второлигашот Скопје. Неговиот камбек не е само уште еден трансфер, туку враќање дома, што најдобро го опишува и самата негова изјава по промоцијата во „пиратскиот“ дрес.
Со богато интернационално искуство и настапи во неколку земји, Наумовски доаѓа како големо засилување за амбициозниот проект на Скопје, кој атакува кон елитата. Сепак, фокусот на овој трансфер е емотивната поврзаност со клубот во кој ги направил првите чекори и каде, како што истакнува, научил што значи да се биде вистински голман и лидер на теренот.
„Велат дека патот на секој фудбалер е различен, но за мене секогаш постоеше само една крајна дестинација – мојот дом. Денес повторно се враќам таму каде што првпат ги облеков ракавиците и ги почувствував стативите на стадионот во Автокоманда. Како дете на ФК Скопје, знам колку тежи овој дрес. Тука научив дека голманот не е само последната линија на одбраната, туку гласот и срцето на тимот на теренот. Иако бранев на многу други стадиони, ниту еден не го носи тој специфичен дух што го има нашата Автокоманда. Се враќам поискусен, позрел и посилен. Мојата мисија е јасна: да бидам сигурност за моите соиграчи и непремостлив ѕид за противниците. Сакам со моите одбрани да му донесам бодови на клубот и радост на „Пиратите“ и на сите луѓе од Автокоманда кои живеат за ФК Скопје. Нема поголема мотивација од тоа да ја чуваш мрежата на клубот во кој си израснал. Време е за работа. Се гледаме меѓу стативите!“, вели искусниот голман Кристијан Наумовски по неговата промоција во дресот на второлигашот Скопје.
ФК Скопје есенскиот дел од Втората македонска фудбалска лига го заврши на петтото место со 29 бодови, а пролетниот дел ќе го започне со гостување кај Слога Виница. Со Наумовски меѓу стативите, во Автокоманда веруваат дека тимот ќе добие потребна сигурност, лидерство и дополнителен мотив во борбата за врвот и враќање во прволигашкото друштво.