Фудбалскиот клуб Вардар ќе организира комеморативна седница во чест на една од најголемите легенди на македонскиот фудбал, Васил Рингов. Настанот ќе се одржи в недела со почеток од 12:00 часот, во Дијамантската сала на хотел „Хилтон“ во Скопје.
Со оваа комеморација, најтрофејниот македонски клуб ќе му оддаде почит на човекот кој со својот талент, голови и харизма остави длабока трага во историјата на Вардар и македонскиот фудбал воопшто. Рингов почина на 70-годишна возраст по кратко боледување, а неговото заминување предизвика силни емоции кај фудбалската јавност.
Од клубот упатија јавен повик до сите навивачи, љубители на фудбалот и почитувачи на делото на Васил Рингов да присуствуваат на комеморацијата и заедно да се потсетат на неговиот голем придонес.
„Фудбалскиот клуб Вардар во недела во 12.00 часот во Дијамантската сала на хотел Хилтон, ќе одржи комеморативна седница во чест на легендата на македонскиот фудбал Васил Рингов. ФК Вардар ги поканува сите љубители на фудбалот, навивачи на клубот, почитувачи на Васе Рингов да присуствуваат и да му одадат почит на една од најголемите фудбалски легенди на клубот и државата“, се вели во соопштението на Вардар.
Комеморацијата ќе биде можност достоинствено да се одбележи животот и кариерата на фудбалерот кој засекогаш ќе остане дел од историјата и срцата на вардаровите навивачи.