Македонскиот ракомет има многу тивки херои, а една од нив без сомнение е Гордана Ѓорѓеска – првата жена делегат од Македонија со ЕХФ значка за ракомет на песок, но и првиот македонски делегат за ракомет во инвалидски колички. Магистер по кривично право, поранешен ракометен судија и претседател на клуб, денес таа ја претставува Македонија на највисоката европска сцена.
Во интервју за Спортска Мрежа, Ѓорѓеска зборува за љубовта кон ракометот, трнливиот пат до делегатската улога, големите меѓународни натпреварувања и пораката до сите кои сонуваат да одат по нејзиниот пат.
Во продолжение ексклузивно интервју со Гордана Ѓорѓеска за Спортска Мрежа.
- Почетоците и љубовта кон ракометот
Од каде се роди љубовта кон спортот и зошто токму ракометот?
Како ќерка на фудбалер секогаш бев во спортот. Од мали нозе вежбав гимнастика, додека желбата за ракомет ми се роди покасно како средношколка со тогашниот Кометал. Ракометот е нешто што духовно ме исполнува и го работам и сакам со сето срце.
Иако сте правник по професија, ракометот секогаш бил дел од вашиот живот. Како изгледаа вашите почетоци?
Моите почетоци се уште во средношколските денови, но како дојдоа обврските факултет и друго ракометот остана во позадина, но за среќа животот имаше други планови за мене па ракометот повторно влезе во мојот живот но овој пат како претседател на клуб а не играч.

Како го паметите детството поврзано со ракометот и дали имавте идоли?
Како што кажав ракометот влезе во мојот живот како средношколка, за жал тогаш не постоеше сегашните мини лиги и почетоци од мали нозе, нешто што подоцна бев горда што можам на малите дечиња да им го остварам сонот. Идоли ми беа секако ракометарките на Кометал, но нормално ќе издвојам дека најголем ми беше мојата имењачка Гордана Нацева.
- Од судија до делегат
Денес сте препознатливо име во делегатските води, но започнавте како судија. Колку беше тешка таа улога?
- Свирчето и ден денес е составен дел од моето секојдневие и како делегат а и приватно. За жал како судија не бев долго на сцената по кратка кариера преминав веднаш во делегати, но можам да кажам дека судиската улога е тешка и доста одговорна,секогаш товарот паѓа на грбот на судијата и на неговото свирче, што, како и во кој момент ќе досуди.
Како изгледаше патот до делегатската функција, особено како жена во оваа професија?
Уште од самите почетоци кога станав претседател на клуб на сите натпревари имав повеќе контакти со делегатите и сонував еден ден да бидам на тоа место, но знаев дека ме чека многу напорна и тешка задача. Кога ја завршив судиската кариера не поради години но поради други причини, се пријавив во делегатските води но со доза на резерва не знаев дали воопшто ќе бидам примена со оглед дека немав години и со оглед дека немаше ниту една жена делегат. Во делегатските води влегов со голема љубов и желба и нормално како една од најмладите морав макотрпно да работам и да се надоградувам, нешто што и ден-денес го правам. Патот да станеш делегат е трнлив од една страна но сладок од друга страна, се што ти треба е само голема желба и љубов спрема тоа што си и што преставуваш и работиш.

Што е потешко – да се биде судија или делегат?
„Со оглед дека како судија кратко бев на ракометната сцена, но секој дневниот контакт и работа со судиите можам да кажам дека двете професии се подеднакво тешки и бараат многу труд, внимание и посветеност. А додека што повеќе ме исполнува секако делегатската работа, но понекогаш ми доаѓа да станам од клупа и да го фатам свирчето да бидам во улога на судија“, раскажува низ смеа Ѓорѓеска за Спортска Мрежа.
- Историски успеси и меѓународна сцена
Вие сте првата Македонка со ЕХФ значки за ракомет на песок и ракомет во инвалидски колички. Колку е тежок патот до ваков успех?
Да точно, јас ги имам и двете значки. За тежината при добивањето на значките можам само да кажам дека е тешко со оглед дека одиш да преставуваш држава а при тоа тој спорт не е застапен кај тебе и не знаеш што да очекуваш и што треба да правиш.Кога полагав за овие значки го давав и последниот свој атом на сила секојдневно за да што повеќе научам и бидам добра колку и другите кандидати кои што за разлика од мене доаѓаат од земји каде овие спортови ги има. Колку сум горда ? Да бидам скромна јас со се што сум постигнала во животот сум горда и задоволна, па така и со овие значки сум горда посебно поради што не се преставувам само себе си како човек, туку преставувам една држава, една нација, култура и нема поголема чест од тоа.

Зад себе имате учества на големи европски натпреварувања. Што подразбира улогата на делегат на вакво ниво?
Да зад мене е Европското за кадети во ракомет на плажа и Европското во Инвалидски колички, Европските Универзитетски игри.Како и секое едно натпреварување така и овие натпреварувања бараат голем труд, жртва и работа а највеќе одговорност. Таму работиме со репрезентации, со врвни тренери и ракометари, луѓе кои си ја знаат својата работа. Конкретни задачи на делегатот се од самиот почеток на настанот па до самиот крај да биде на ниво на задачата а што се подразбира под тоа од самиот почеток на натпреварот да ги следи клупите, судиите, измените ,барањето за тајм-аут со спроведување на сите ракометни правила кои важат.
- Иднина и порака до младите
Какви се вашите планови и амбиции за во иднина?
Моментално сум задоволна на местото и позицијата каде сум, а иднината па што ќе донесе животот. Како и сите и јас имам свои сонови кои се надевам ќе се остварат но за тоа да видиме и почекаме, за сега нека биде вака.

Што би им порачале на оние кои сакаат да тргнат по делегатскиот пат?
За крај би ги охрабрила сите кои што сакаат да влезат во делегатските води да не се двоумат или плашат, верувајте големо задоволство е да работиш нешто од срце и со љубов, нема зборови кои можат да го опишат чувството на задоволство и исполнетост. Ќе се наидува на секакви пречки но тоа не треба да ве обесхрабрува, главата горе и напред, следете го својот сон!
