Комисијата за избор на нов селектор на македонската А репрезентација, во состав Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ, Горан Пандев – директор на национални репрезентации, Николче Новески – раководител на скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на У.О. на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ (присутен онлајн), денеска одржаа работен состанок на кој детално беше анализирана актуелната состојба во националниот тим.
На средбата се разгледуваа потребите за претстојниот квалификациски циклус и профилот на тренер кој е неопходен за зголемување на конкурентноста и подобрување на организацијата на најдобрата македонска репрезентација. Разговорот беше конструктивен и фокусиран на стручни параметри, систем на работа, долгорочна стратегија, развој на фудбалерите и стабилност во резултатите.
Комисијата нагласи дека новиот селектор мора да ги познава домашните фудбалски текови, потенцијалот на македонските играчи и да внесе јасна тактичка визија и дисциплина во тимот.
По завршување на анализите, Комисијата ќе достави предлог – македонски стратег кој ги исполнува зададените критериуми. Конечната одлука ќе ја донесе Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25 декември.
Фудбалската федерација на Македонија останува посветена на професионален и транспарентен процес, со цел изборот на новиот селектор да донесе стабилност, квалитет и напредок во работата на А репрезентацијата.