Дербито од дното на табелата во Првата футсал лига донесе неверојатна, луда завршница со среќен крај за Осогово – Кристијан Ивановски ги „расплака“ штипјани, погодувајќи во последните секунди за триумф од 6:5 над Мал Ајакс во дуелот од 7. коло.
Ова беше пресметка на две екипи кои имаа по една победа и влегоа во жестока битка за второ сезонско славје.
Мечот понуди спектакл со 11 гола и важна победа за Осогово, тим кој минатата сезона играше историско финале во Купот на Македонија и имаше значајна улога и во првенството.
Резултатот го отвори Мал Ајакс преку Иса Дурмишов во 10. минута, но радоста кратко траеше – Бојан Иванов израмни во 12. минута. Од херој до трагичар – Дурмишов во 14. минута постигна автогол за водство на Осогово од 2:1, а на самиот крај од полувремето Теодор Наков донесе 2:2.
Вториот дел понуди уште пожестока ефикасност. Иванов во 24. минута го постигна својот втор гол за 3:2, а Мал Ајакс возврати пет минути подоцна преку Сердар Синанов за 3:3.
Домаќинот веднаш се разигра – Кристијан Станојковски донесе ново водство од 4:3, а Иванов стигна до хет-трик и зголеми на 5:3.
Иако имаше два гола минус, Мал Ајакс се врати: Дурмишов намали на 5:4 во 39. минута, веднаш потоа Синанов постигна втор гол за 5:5 – тотален шок за Осогово и публиката во Крива Паланка.
- СИТЕ ГОЛОВИ ОД МЕЧОТ МЕЃУ ОСОГОВО И МАЛ АЈАКС ВО КРИВА ПАЛАНКА:
Но, кога сите очекуваа поделба на бодовите, стигна казната – Кристијан Ивановски во последните секунди погоди за 6:5 и донесе огромно славје за Осогово, а големо разочарување за гостите од Штип.
Со оваа победа Осогово скокна на осмото место со шест бодови и за првпат ја напушти опасната зона, притоа поминувајќи го Шкупи кој сега е деветти со четири бодови. Мал Ајакс останува последен со три бодови.