Женскиот ракометен клуб Вардар продолжува со континуирана работа во создавање и развој на млади ракометни имиња, а уписите за девојчиња родени 2014 година и помлади се постојано отворени.
Во изминатите години, ракометната школа на Вардар работи со силна посветеност и професионален пристап, што резултира со јасно видлив напредок кај најмладите категории. Покрај стекнувањето на основите на ракометната игра, особено внимание се посветува и на развојот на вистинските спортски вредности – фер-плеј, дисциплина, работа во тим, упорност и спортски дух.
Големо засилување за младинската школа е пристигнувањето на Лидија Ажиевска, поранешна носителка на играта во Кометал и дел од стручното раководство на клубот во неговите најславни години. Со своето богато искуство и ракометно знаење, Ажиевска ќе биде важен дел од пионерската школа на Вардар, придонесувајќи за уште поголема стабилност, квалитет и интензитет во тренажниот процес.
Од ЖРК Вардар упатуваат покана до сите млади девојчиња кои сакаат да станат дел од црвено-црното семејство и да направат први ракометни чекори во професионална и мотивирачка средина.