Последното есенско коло во Општинската фудбалска лига во Струмица донесе многу погодоци на сите натпревари.
Екипата на Спартмани од Балдовци со убедливи 0:5 го декласираше Напредок среде Радово и стана есенски шампион, откако тимот на Интер Кукла на домашен терен во Куклиш одигра 1:1 со Огражден од Ново Село и го препушти врвот.
Убедлива победа се славеше во Злеово каде домашната Слога со високи 6:2 го декласираше Единство од Пиперово, а пак Дрвош со 2:1 го доби Илинден од Добрејци.
Во однос на самата табела на врвот е Спартмани со 16 бодови, а толку има и Интер Кукла од Куклиш, но поради полошата гол разлика е втор. Слога од Злеово се проби до третото место на табелата со 13 бодови, а апетитите на тимот од радовишкото село во пролетниот дел ќе растат.
Огражден финишира на четвртото место со 12 бодови, по десет бодови имаат Дрвош и Илинден кој го делат петтото место.
Екипата на Единство од Пиперово со три бодови ја затвара 2025 година како седмопласирана, а на дното без бодови со седум порази од толку мечеви заврши Напредок од Напредок.
