Брера денеска ќе се обиде да стави крај на непријатната серија од четири натпревари без победа, во дуелот против Тиквеш од 15. коло во Првата лига. Струмичани имаат јасна цел – три бода што би ги придвижиле кон средината на табелата и би донеле потребна стабилност пред продолжението од сезоната.
Тренерот Мартин Алаѓозовски потенцира дека тимот е подготвен за предизвикот и дека пристапот останува непроменет.
„Секој натпревар има свое значење, а ние како и секогаш ќе излеземе да се надигруваме“, истакна Алаѓозовски во пресрет на средбата.
Последниот триумф на Брера е забележан кон крајот на октомври, кога струмичани приредија изненадување и славеа на гостувањето кај Струга Трим Лум. На спротивната страна, Тиквеш пристигнува во Струмица со подигната самодоверба по убедливиот настап и победата над Башкими.
На табелата, Брера влегува во мечот како седмопласирана екипа со 16 освоени бодови, додека Тиквеш е веднаш зад неа – осми – со еден бод помалку, што му дава дополнителна тежина на денешното дерби на средината од табелата.
АП Брера ќе се обиде да ја прекине негативната низа, но и да го потврди позитивниот тренд од последното домашно издание. Време е за борба, а Алаѓозовски и неговите избраници веруваат дека денеска е вистинскиот момент за нов почеток.