ФК Брегалница од Штип испрати силна реакција до јавноста во врска со користењето на името „Брегалница“. Од клубот порачуваат дека ниту еден друг фудбалски колектив нема право да го користи нивното име во било каков контекст, доколку нема официјална дозвола од штипскиот второлигаш. Пораката доаѓа по појавата на новоформиран фудбалски субјект кој го користи брендот без согласност од клубот.
„Почитувани,
Сакаме да ја известиме јавноста, а посебно родителите на дечињата кои тренираат во ФК Брегалница дека школата на нашиот клуб продолжува со работа со генерациите од 2012 до 2018 година под водство на нови лиценцирани тренери.Исто така, сакаме да Ве известиме дека младинската школа на брендот ФК Брегалница нема допирни точки и ништо заедничко со новоформираниот клуб Брегалница Кидс. Покрај ова, напоменуваме дека ниту еден друг фудбалски колектив НЕ СМЕЕ да го користи името Брегалница во ниту еден контекст во својот назив и номенклатура доколку нема дозвола од Фудбалскиот клуб Брегалница 2008 АД Штип. Доколку не се почитува наведеното, понатаму ќе бидат превземени соодветни правни дејствија.
Нашиот клуб е на ‘стабилни нозе’ и тој факт никогаш не бил ставен под знак прашалник. Со посебен акцент се работи со младинските категории и клубот функционира како секој професионален спортски колектив.
ФК Брегалница е колевка на фудбалот на Истокот во Македонија, а школата на ФК Брегалница од секогаш била расадник на многу фудбалери и фудбалски имиња кои оставиле траг во Мак фудбалот, и тој тренд ќе продолжи со сигурност!“, велат во сооштението од ФК Брегалница.
- Брегалница продолжува со младинскиот развој и гради иднина
Според клубот, ФК Брегалница продолжува со работа на својата младинска школа со генерациите од 2012 до 2018 година, под водство на нови, лиценцирани тренери, со јасна цел за продолжување на традицијата и развојот на фудбалски таленти на Истокот.
Клубот моментално настапува во Втората македонска фудбалска лига, каде што со години важи за еден од најголемите и највлијателни фудбалски брендови во Македонија, особено во источниот регион.