Во рамки на 14. коло од ракометната Супер лига, викендов нè очекуваат две дерби-средби кои будат огромен интерес кај ракометната јавност.
Првото дерби се игра утре (сабота) во Охрид, каде во 19:30 часот во салата „Билјанини извори“, ГРК Охрид ќе го пречека непоразениот лидер- Вардар.
Вториот голем дуел следува во недела, исто во 19:30 часот, кога Еурофарм Пелистер во „Боро Чурлевски“ ќе го пречека Алкалоид во битолското дерби што привлекува, исто така, големо внимание.
РФМ ги делегираше судиите за овие два меча. Имено, дербито во Охрид му припадна на судискиот двоец- браќата Методија и Михајло Илиевски од Битола, каде делегати ќе бидат Марјан Начевски и Лери Мирчевски додека пак, неделниот натпревар во Битола е доверен на најреномираната македонска судиска двојка – Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, а делегати ќе бидат Душко Камишески и Славчо Каланоски.
Две дербија, две сали полни адреналин, возбуда и врвни судии – ракометен викенд што ветува борба до последниот свиреж!
Виктор Начевски и Даниело Божиновски ќе им судат на Еурофарм Пелистер 2 и Куманово, делегат ќе биде Владимир Саздовски.
Браќата Димитар и Дејан Георгиевски ќе им судат на Прилеп и Бутел, делегат ќе биде Ацо Николовски, додека пак на мечот меѓу Радовиш и Пролет правдата ќе ја делат Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, а делегат ќе биде Камер Металари.
Средбата во Кавадарци меѓу Тиквеш и Струга ќе ја судат Ненад Николовски и Исмаил Металари, а Васил Чавдаров ќе биде делегат.