Поранешниот двократен европски и светски првак успешно ја започна својата мисија на Светското првенство во Абу Даби, славејќи во првата борба, но за жал ја обнови старата повреда која долго време го мачеше. Иако изминатите месеци напорно работеше на рехабилитација, откако пред шест месеци ја имаше скинато препоната, успеа да се врати во рингот решен повторно да се натпреварува на највисоко ниво.
Со својот премиерен настап на првенството, тој забележа важна победа против хрватскиот натпреварувач Раул Сунара, славејќи со 2-1 во неговата категорија. Победата беше доказ дека квалитетот и борбениот дух сè уште се на негово ниво, но болката од старата повреда се јави повторно и го спречи да продолжи во следната рунда.
По медицинските прегледи и консултациите со својот тим, тој донесе тешка, но неопходна одлука – да се повлече од Светското првенство и официјално да стави крај на својата богата боречка кариера. На социјалните мрежи се огласи со емотивна порака, во која им се заблагодари на сите што биле дел од неговиот спортски пат.
Денеска ја имав мојата прва борба на Светското првенство. Уште во првата рунда повторно ми се скина препоната истата повреда која првпат ја доживеав пред 6 месец. Но, и покрај тоа успеав да издвојувам победа против Хрватска. Благодарен сум на Господ за се, нека биде по Божјата волја.
Со ова за мене завршува Светското првенство, а и моајта кариера како борец. Тешко е да се прифати, но нема бегање од реалноста. Одлуката ја носам во мир, време е да се посветам на тренерската работа и да вложам се во мојот клуб, за да создадам нови шампиони. Ова не е крај ова е нов почеток. – истакна Илиоски на социјалните мрежи.