Во периодот од 29 октомври до 13 ноември 2025 година, Тениската федерација на Македонија организираше два тренерски курса, чиј домаќин беше Тенискиот клуб „Мондано“. Во рамки на програмата беа спроведени курсот „Играј тенис“, кој траеше 4 дена, и курсот „Ниво 1“, кој се одржуваше во период од 11 дена.
Курсот „Играј тенис“ беше реализиран според програмата на ИТФ, под водство на лиценцираниот ИТФ и ТФСМ тутор Димитар Лабудовиќ, а негов асистент беше Кристијан Вангелов, кој паралелно ја спроведува својата едукација за иднина тутор. На курсот учествуваа 26 кандидати (10 жени и 16 мажи), кои добија обука во области како комуникација, стратегија и тактика, развој на техника, методи на учење, организација на турнири, видови тренинг, како и усвојување вештини за прием и испраќање.

Кандидатите беа оценувани неформално за време на целиот процес и формално преку три теста: играчка способност, водење групен тренинг и писмен тест. Во рамки на курсот беа идентификувани 6 до 8 тренери кои имаат потенцијал да продолжат на следното ниво – CBI (Ниво 1).
Посебно значајно беше учеството на осум кандидатки кои се дел од проектот „Ас за еднаквост“, реализиран во соработка со МОК и со финансиска поддршка од Европската Унија, со цел промоција на родовата еднаквост во спортот. Тие добија бесплатна обука и лиценца, додека уште две кандидатки добија бесплатна лиценца.
Паралелно со тоа, се одржа и курсот „Ниво 1“, кој го посетуваа 19 кандидати, а двајца тренери, претходно едуцирани според стариот ИТФ систем, беа задолжени да го усогласат своето знаење со новите програми. Предавањата и практичната работа се одвиваа според препораките на ТФСМ за тренажен процес и насоките на ИТФ за организација на семинари.
Според правилата на ИТФ, курсот беше воден од двајца тутори – Горан Шевченко и Димитар Лабудовиќ, додека Кристијан Вангелов за првпат беше вклучен во „Ниво 1“ како дел од почетната фаза на неговата повеќегодишна туторска едукација.

Курсот опфати теми како улогата на тренерот, стратегија и тактика, донесување одлуки и геометрија на терен, комуникација, развој на техника, биомеханика и движење, анализа и подобрување на техника и тактика, групни и индивидуални тренинзи, стекнување и усовршување на вештини, игра во двојки, како и физичка и психолошка подготовка.
Кандидатите беа оценувани неформално, но и формално преку тестови за играчка способност, водење групен и индивидуален тренинг и писмен тест, кој согласно новите правила се спроведува онлајн преку ITF Academy. Тренерите кои не ги положија сите обврски ќе имаат можност да го повторуваат тестирањето во 2026 година, но не пред истек на 3 до 6 месеци.

Сите тренери кои ги завршија задачите и успешно ги положија тестовите се стекнаа со меѓународно признаен ИТФ сертификат. Двата курса вклучуваа предавања во училница и практична работа на терен, а на завршниот дел свое обраќање имаше и Сашо Делиниколов, претседател на Тренерскиот комитет и поранешен капитен на Дејвис Куп репрезентацијата.