Македонскиот младински фудбал добива сè посериозни имиња во тренерскиот сегмент, а едно од најзабележителните е 35-годишниот Танас Калајџиески од Струга – тренер кој со својата работа, посветеност и јасна визија успева да создава печат каде и да работи.
Калајџиески е човек кој живее за фудбалот. Паралелно ги води ФК Ултрас Кидс со генерација 2016, но и генерацијата 2010 на ФК Струга Трим Лум, со која оваа сезона бележи навистина импресивни резултати. Неговата екипа е вистински хит во Помладата пионерска Суперлига – тим кој како дебитант не само што се натпреварува рамноправно со најсилните, туку станува и сериозен конкурент за самиот врв.
- Струга Трим Лум – тим со иднина, тим со препознатлив стил
Под водство на Калајџиески, младите стружани моментално се наоѓаат на четвртата позиција со 24 бодови, веднаш зад големите имиња во детско-јуниорскиот фудбал:
Шкендија – 33 бода
Вардар – 29 бода
Македонија ЃП – 27 бодови
Струга Трим Лум – 24 бодови

Успехот е резултат на седум победи, три ремија и само два порази, а импресивни се и 29-те постигнати погодоци, кои покажуваат дека тимот не само што игра офанзивно, туку има и јасно изградена игра со потпишан стил на тренерот.
Стабилност во одбраната, брза транзиција, офанзивна игра и карактер – тоа е препознатливиот потпис на Калајџиески.
- Тренер што работи за иднината
Покрај успехот со генерацијата 2010, Калајџиески вредно работи и со најмладите категории – како тренер на ФК Ултрас Кидс (генарација 2016), каде што исто така развива нова база на таленти.
Неговата посветеност, професионален пристап и постојано вложување во сопствениот развој го издвојуваат како тренер кој ја разбира современата филозофија на младинскиот фудбал. Не е чудо што неговите играчи напредуваат и индивидуално и колективно, а клубовите добиваат генерации кои се подготвени за повисоки нивоа.