Екипата на Скопје го доби дербито од последното есенско коло во Првата женска фудбалска лига, славејќи со минимални 1:0 против шампионот Љуботен на домашен терен во скопско Пржино. Ова дерби, кое се најавуваше како директна битка за есенската титула, во целост ја оправда својата тежина – а на крајот Скопје ја презеде лидерската позиција и стана есенски шампион.
Домашната екипа поведе во 39. минута преку Сара Евтинџиоска, која со прецизно изведен слободен удар го совлада голманот на Љуботен. Голот дојде во идеален момент за Скопје, кое претходно имаше играчка предност. Имено, уште во 23. минута фудбалерката на Љуботен, Јулијана Живиќ, заработи црвен картон поради два жолти, оставајќи го својот тим со играч помалку до крајот на натпреварот.
Скопје ја искористи бројчаната предност и со дисциплинирана игра го контролираше мечот, а победата од 1:0 значеше и симнување на актуелниот шампион од врвот. Сега Скопје е лидер со 39 бодови, два повеќе од Љуботен кој падна на втората позиција.
Ова е голема победа за скопскиот тим, кој со оваа игра и резултати покажува дека има реален капацитет да му парира на Љуботен и да се наметне како сериозен кандидат за титулата во пролетниот дел.
Следува пауза во шампионатот, период во кој екипите ќе направат анализа на есенскиот дел и ќе се подготват за она што следува на пролет. Колото ќе биде комплетирано в недела со дуелот од долниот дел на табелата, дербито меѓу Кочани и Вардар, кое може да има големо значење во битката за опстанок.