Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа со сигурна игра го отвори ИТФ-турнирот во Трнава, Словачка. Во мечот од првото коло таа ја совлада Турчинката Ајла Аксу со 2:0 во сетови (6:2, 6:4), во дуел кој траеше 77 минути.
Ѓорческа уште на стартот ја наметна својата игра. Во првиот сет, по почетните 0:1, со два брејка врза серија од пет гема и поведе со 5:1, за сетот рутински да го затвори со 6:2. Вториот сет беше поизрамнет – резултатски изедначен до 4:4, но токму тогаш Лина го направи клучниот брејк во деветтиот гем и со стабилно сервис-гејм го потврди триумфот со 6:4.
Во второто коло македонската тенисерка ќе се сретне со Британката Амарни Бенкс, која во првата рунда ја елиминираше Вероника Фалковска со 2:0 (6:3, 6:1).
Лина Ѓорческа на турнирот, кој се игра за награден фонд од 40.000 долари, е поставена како четврта носителка.