Вечерва е ноќ за паметење во градот под Исарот – одбојкарите на Штип УГД испишаа нова, но овојпат европска историја. На домашен терен, во преполната сала СРЦ „25 Мај“ во Радовиш, штипјани славеа убедлива победа над норвешкиот Кол Ил со 3:0 во сетови, а потоа ја потврдија доминацијата и во златниот сет, кој го добија на исто толку импресивен начин.
Момците на Кристиан Ристески одиграа натпревар за пример – дисциплинирано, борбено, мотивирано и како по ноти. Секоја точка беше резултат на концентрација и тимска храброст.
Токму Ристески пред натпреварот изјави за Спортска Мрежа дека тимот мора да се наметне на стилот на скандинавскиот противник, кој игра дисциплинирана одбојка. Ветувањето беше исполнето до последниот поен.
Штип УГД до вечерва веќе имаше испишано две големи истории – со освоениот Куп пред две сезони и неговата успешна одбрана минатата година. Но 19 ноември 2025 година ќе остане со златни букви запишан како датумот на првата европска победа во историјата на клубот.
Со овој триумф, штипјани обезбедија место во следната фаза од Челинџ Купот, каде ги очекува судир со моќниот италијански Милано.
Вечерва е време за славје – градот под Исарот ги поздравува своите херои, тим кој со години носи радост и кој, според резултатите, одамна заслужува поголема поддршка и признание.
Кол Ил целосно потфрли и не успеа да се адаптира на атмосферата. Тренерот на Норвежаните, хрватскиот стратег Томислав Лозиќ, за Спортска Мрежа изјави дека македонската одбојка има посебна атмосфера што ја почувствувал пред 35–40 години кога играл во Скопје и Струмица – атмосфера која вечерва повторно ја доживеа и неговиот тим, но на која не успеа да одговори.
Младиот стратег од Крушево, Кристиан Ристески, заедно со својот млад тим, игра модерна, дисциплинирана и допадлива одбојка, менувајќи ја насоката на македонската одбојка кон ново, современо поглавје.
Новата генерација играчи и тренери вечерва ја запечати својата приказна – а публиката во Радовиш возврати со полна сала, громогласен аплауз и скандирања на имињата на играчите по последниот поен. Сосема заслужено и сосема спортски!
Вечерва Штип слави, а Македонија е горда на овој голем успех.