Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација (М.Т.Т.Ф.) викендов, од 14 до 16 ноември 2025 година, настапи на Европскиот куп „Бугарија Опен 2025“ во Пловдив, каде своите вештини ги покажаа вкупно 788 натпреварувачи од 13 европски држави: Македонија, Бугарија, Грција, Србија, БиХ, Молдавија, Романија, Словачка, Хрватска, Словенија, Ирска, Белгија и Естонија.
Боите на М.Т.Т.Ф. под водство на Марјанчо Лазаревски и Саша Поповски ги бранеа девет натпреварувачи од клубовите на федерацијата, кои и покрај огромната конкуренција се враќаат дома со голем успех – вкупно четири медали: два златни, еден сребрен и еден бронзен.
Горди изјави и пофалби од претседателот Лазаревски
„Огромно задоволство ми е кога ќе освоиме медали на вакви врвни натпревари каде конкуренцијата е премногу силна, а уште поголема радост е да ги видам нашите натпреварувачи како даваат сè од себе, покажувајќи храброст, пожртвуваност и достоинствено претставувајќи ги боите на Македонија,“ изјави претседателот на М.Т.Т.Ф., Марјанчо Лазаревски.
Тој ја истакна и извонредната форма на Божидар Димитриевиќ, кој освои два медали, натпреварувајќи се паралелно во две тежински категории на две различни борилишта.
Пофалби доби и Владимир Димитриев, кој исто така настапи во две категории и имаше одлични борби, но во двете четвртфинални пресметки бил елиминиран поради, како што истакна Лазаревски, „очигледна пристрасност на судиите“.
Младиот надежен Христијан Шибакоски оствари две победи, но во борбата за медал загуби со тесен резултат, покажувајќи дека е во јасна нагорна линија во својот развој.

Несреќа имаше Христијана Парулеска, која при водство во првата рунда се повреди и мораше да го прекине својот настап.
Лазаревски упати и голема благодарност до генералниот спонзор ПН Метал, Општина Охрид и Агенцијата/Министерството за спорт, кои континуирано го поддржуваат традиционалното таеквон-до и ги поттикнуваат спортистите кон нови успеси.
- Освојувачи на медали:
🥇 Теодора Митреска
-
Златен медал – форми
-
Црвен појас, сениорки (18–35 години)
🥇 Мики Грнчески
-
Златен медал – форми
-
Жолт појас, младинци У18 (16–17 години)
🥉 Божидар Димитриевиќ
-
Бронзен медал – спаринг/борби -92 кг
-
Сениори (18–35 години)
🥈 Божидар Димитриевиќ
-
Сребрен медал – спаринг/борби +92 кг
-
Сениори (18–35 години)