Македонското џудо запиша значаен успех на Европскиот куп „Џудо-надежи“ во Рига, Летонија, каде во жестока конкуренција од 289 натпреварувачи од 20 земји, нашите млади таленти блеснаа со одлични резултати.
Емилија Паскоска (-44 кг) ја оствари својата најголема победа сезонава, освојувајќи го златниот медал. Овој триумф доаѓа по двете претходни бронзи што ги освои во Сараево (БиХ) и Ѓер (Унгарија), што ја потврдува нејзината константна форма и напредок.
Со медал се закити и Виктор Трчков (-60 кг), кој стигна до својата прва бронза на натпревар под капата на Европската џудо-унија (ЕЏУ) — уште еден доказ за неговиот потенцијал и квалитет.
И двајцата џудисти со одлични настапи обезбедија место во финалниот блок. Тие се членови на клубот Миоки од Скопје и во Рига беа единствените претставници што ги бранеа боите на Македонија, под водство на тренерот Игор Паскоски.