На овогодинешното издание на „November Run“ во Гевгелија, најмладите учесници повторно ја воодушевија публиката. Меѓу нив беше и малата Лана Танова – само 2 години и 2 месеци – која со својата мајка, наставничката по физичко образование Бојана Танова, учествуваше во инклузивната трка на 1 километар, како и во детската трка од иста должина.
Ова е трето учество за Лана на ваков тип настани, со што девојчето веќе покажува континуитет во спортските активности, иако нема ниту три години. За разлика од минатата година, кога организаторот имаше електронски мерења и чипови, сега трчањето беше слободно и не се бележеа официјални времиња. Но тоа не ја намали радоста кај малите учесници – најмалку пак кај Лана, која ја помина целата патека со комбинација од одење и трчање, секогаш со насмевка и голема желба.
„Како мајка и наставник по физичко, секогаш ја охрабрувам важноста на активниот живот и вистинските вредности кај моето дете. Денешната трка во Гевгелија беше ден исполнет со мотивaција, борбеност и меѓусебна поддршка меѓу сите учесници. Лана, како секогаш, покажа активност и желба за движење – со малку одење и многу трчање ја поминавме целата патека и заедно стигнавме до целта. Овој ден ни потврди дека со храброст, упорност и вистинска поддршка може да се надмине секој предизвик“, вели Бојана Танова за Спортска Мрежа.

Иако годинава трката беше повеќе рекреативна, Лана и Бојана уште еднаш ја докажаа важноста на семејната спортска традиција. Бојана, поранешна младинска и сениорска фудбалска репрезентативка, денес е тренер на малите генерации во ФК „Кожуф“ и наставник по физичко, а љубовта кон спортот очигледно ја продолжува и нејзината ќерка.

Со вакви примери, Гевгелија гради нови спортски навики и континуитет кај најмладите. Лана Танова полека, но сигурно, станува симбол на детска активност, упорност и чиста спортска радост.