Младост од Богданци ја запиша и деветтата победа по ред и уште еднаш потврди дека е најсериозниот кандидат за пласман во Суперлигата. Во дербито на колото, пред повеќе од 1.000 гледачи и атмосфера која ретко се гледа во Првата лига, избраниците на Горан Андоновски славеа убедливо над Драчево Јуниор со 38-26.
Гостите од Скопје парираа само во воведните минути, кога трипати успеаја да израмнат (1:1, 2:2, 7:7). Но отпорот траеше кратко – Младост постепено го презеде ритамот, ја зацврсти одбраната, а на голот Кристијан Костадиновски бранеше сигурно во клучните моменти. Полувремето заврши со 16-12, што беше само најава за она што следеше.
Во второто полувреме салата „Млаз“ буквално „експлодираше“. Младост ги „запали моторите“, а Драчево се распадна како кула од карти. По исклучувањето кај гостите, одбраната повеќе не функционираше, па разликата почна брзо да расте сè до конечните +12.
Најдобар стрелец на натпреварот беше Даниел Андоновски со 11 гола, додека Зоран Стојановски постигна 9, а Лазар Адамовиќ 7 погодоци. Кај Драчево Јуниор најпрецизен беше Ѓорѓи Дука со 4 гола.
Младост со оваа победа се „зациментира“ на првото место со максимални 18 бода, додека Драчево останува на 14 бодови, израмнет со Вардар Неготино и Мулти Есенс.
Во следното коло, Младост гостува кај Шампион, а Драчево ќе ја пречека Јехона.