Ракометарите на Охрид со стил го добија дербито против Алкалоид и уште еднаш покажаа дека се тим кој може да се мери со најдобрите. Од првиот свиреж беше јасно дека момците на Борис Ројевиќ се подготвени за голем подвиг, со цврста одбрана и ефикасен напад кој го држеше ритамот на мечот.
Голманот Кристијан Пилиповиќ, кој беше меѓу најзаслужните за сигурноста во дефанзивата, за Спортска Мрежа, по натпреварот истакна:
„Во првиот дел бевме фантастични во одбраната, многу добро ги користевме шансите, во второто полувреме малку паднавме… Алкалоид е одлична екипа, игра многу добар ракомет, што значи дека добивме една многу, многу добра екипа пред фантастични навивачи и им благодарам за тоа. Како за прво мое дерби, беше супер и посакувам вака и да продолжи серијата на победи во дерби мечевите во оваа сала, во Охрид.“
Овој триумф не е само доказ за формата на охридскиот тим, туку и поттик пред претстојниот европски предизвик против Слога Добој. Атмосферата во салата, силната дефанзива и тимската хемија, несомнено ветуваат уште една незаборавна ракометна вечер покрај Езерото.