Македонската фудбалска репрезентација ќе го одигра својот последен домашен натпревар за оваа година во четврток, на 13 ноември, со почеток во 18:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Противник на нашата најдобра селекција ќе биде Летонија, во рамки на пријателски контролен натпревар.
Фудбалската федерација на Македонија информира дека влезот за натпреварот ќе биде целосно бесплатен за сите љубители на фудбалот. Со оваа одлука, ФФМ сака да изрази благодарност до верните навивачи за нивната постојана и гласна поддршка во текот на целата година.
Истовремено, од федерацијата најавија дека сите оние кои веќе купиле билет за овој натпревар ќе добијат бесплатен влез за следниот домашен меч на репрезентацијата – без разлика дали ќе биде бараж за пласман на Светското првенство или друг официјален дуел.
Ова ќе биде последна можност во 2025 година навивачите да ја поддржат Македонија пред својата публика, пред завршниот квалификациски натпревар против Велс во Кардиф.
Од ФФМ апелираат до сите љубители на фудбалот да ја исполнат арената и уште еднаш да создадат вистинска македонска атмосфера – со гордост, страст и поддршка за црвено-жолтите.